fbpx
Здравје на непцата и пародонтална болест

Пародонталната болест претставува бактериско инфекциозно заболување на потпорниот апарат на забите (пародонтот) – чијашто функција е да го држи забот прицврстен во коската. Ова заболување доведува до постепено и неповратно губење на коскената потпора, крварење од гингивата и нејзино неповратно повлекување од забите и соголување, расклатување и разместување на забите.

Главна причина за пародонтопатијата е забниот плак, но за почеток на болеста значење имаат и дополнителни фактори – генетската предодреденост, навиките и лошата орална хигиена, постоењето на други заболувања (дијабетес) и имунодифициентни состојби, постоење на проблематични изработки (лоши пломби, коронки, мостови), лоша поставеност на забите како и недостатокот на некои заби и нивно ненадоместување.

Најновите научни истражувања ја врзуваат пародонтопатијата со кардиоваскуларните болести и Алцхајмеровата болест. Исто така, тековни научни студии посочуваат на корелација на пародонтопатијата го зголемен ризикот од инфаркт и предвремено породување.

Најголемиот проблем кај пародонталната болест е тоа што е таа незабележливо се провлекува и често ненавремено се открива. Потешкотијата во третирањето на оваа болест потекнува токму од касното диагностицирање.

Терапијата на пародонталната болест е прилично комплексна постапка која е строго индивидуална и специфична за секој пациент. Најважно е пациентот е да биде дијагностициран и да биде определен степенот на засегнатост коишто го определуваат изборот на терапевтски постапки и очекуваниот успех.

Основна цел на терапијата на пародонтопатијата е елиминацијата на патогените микроорганизми наталожени во пародонталниот џеб и на површината на забот.

 

Третманот на пародонтопатијата зависи од степенот на развој на болеста и вклучува конзервативен пристап и хируршки третман.

КОНЗЕРВАТИВЕН ТРЕТМАН

Поблагата форма, како што е воспалението на непцата – гингивит, може целосно да биде елиминирано со конзервативен третман кој вклучува чистење на наслаги и забен камен. Конзервативниот третман вклучува и едукација и континуирана мотивација на пациентите за правилно четкање и користење на дополнителни средства во домашни услови како интердентални четки, забен конец и водички за испирање. Кај благата и умерената форма на пародонтопатијата особено значење има изработката на индивидулен план на третирање, следење и превенција на пародонталната болест.

Доколку пародонтопатијата е веќе напредната, имаме присуство на длабоки пародонтални џебови и губиток на коска, што може да се потврди преку клинички преглед и анализа на рентген снимка, потребно е да се примени хируршки третман и дополнителни методи на терапија. Во овој стадиум од болеста, чистењето на наслаги и забен камен не е доволно, бидејќи микроорганизмите се навлезени длабоко во пародонтот и нивната патогеност е уште поголема. Примената на локални или системски антибиотици за лечење на хронична пародонтопатија е ограничена за специфични ситуации и строго водена од специјалист.

ХИРУРШКИ ТРЕТМАН

Хируршкиот третман на пародонтопатијата е наредна фаза во лечењето и секогаш мора да му претходат правилна и стручна проценка на состојбата како и правилно изведена базична (конзервативна и ласерска) терапија. Хируршкиот третман се применува само на оние заби кај кои и покрај квалитетно изведената конзервативна терапија и понатаму се присутни резистентни длабоки пародонтални џебови кои крварат.

Всушност целта на хируршката терапија на пародонтопатијата е под целосна визуелна контрола да се отстранат пародонтални џебови кои не можеле да се елиминираат со претходно спроведената базична, ласерска терапија и електрофореза.

Самата хируршка процедура се изведува под локална анестезија и е безболна. Потоа се пристапува кон детално чистење (киретира) џебот, со цел, изгубеното ткиво да се надомести со некои од големиот избор на регенеративни материјали. Целта е да се возобнови функцијата и анатомијата на изгубените ткива.

Постоперативниот период најчесто се одвива без појава на некакви позначајни болки и оток. Најважно е да се напомене дека во постоперативниот период задолжително е пациентот да се придржува на упатствата од хирургот за одржување орална хигена.

ЛАСЕР ТЕРАПИЈА ЗА ПАРОДОНТОПАТИЈА

Брзиот, секојдневен напредок на ласерската технологија во текот на последните две децении, доведе до воведување на ласерот како неопходна дополнителна алатка и во секојдневната стоматолошка клиничка пракса. Поради биостимулативниот, биомодифицирачки и бактерициден ефект, ласерот наоѓа примена во конзервативната терапијата на умерената како и напредната пародонтопатија, како и  пародонталната хирургија, терапијата на периимплантити, ендодонцијата, по екстракција на заби, апикотомии и други зафати.

Нашата ординација е опремена со диоден ласер кој со својата јачина од 658 до 980 nm овозможува терапија која би ја намалила потребата од антибиотици и овозможува на најбезболен начин да се уништат штетни микроорганизми во длабоките пародонтални џебови.

Ласер третман е индициран како надополнување на конзервативните методи за чистење на наслаги и забен камен. Терапискиот протокол се состои од употреба најпрво на хируршки, а потоа терапевтски ласер.

Прецизно одредената бранова должина на светлината која ја емитува хируршкиот ласер овозможува прецизна елиминација на штетните бактерии и целосна деконтаминација и стерилизација на длабокиот пародонтален џеб. На овој начин се создаваат услови за репарација или регенерација на ткиво околу забот,припојување на гингивата околу коренот на забот и негова стабилизација.

Потоа следуваат неколку последователни третмани со терапевтскиот ласер (препорачан број на третмани се 10 – 12 вкупно) кој преку биостимулација благопријатно ќе влијае на заздравување.

ЕЛЕКТРОФОРЕЗА

Eлектрофорезата претставува метод на внесување на медикамент (антибиотик, витамини, десензибилизатори) дирекно во засегнатото ткиво. На тој начин се постигнува максимална концентрација на лекот и негово депонирање без влијание на гастроинтестиналниот тракт, како што тоа е случај при орална употреба.

Електрофорезата е физикална метода, која се користи како дополнителна терапија во третманот на пародонталнaта болест. Има за цел да ја намали инфламацијата на пародонталните ткива и да ги стабилизира постигнатите резултати од спроведениот конзервативен третман.